Category Archives: Пристигање

Пристигање во Севиља – воз

Севилја е релативно добро поврзана со остатокот од Шпанија по железнички пат. Со линиите на долги растојанија AVE (Alta VElocidad, „голема брзина“, кратенка што во превод значи „птица“) преку Мадрид релативно брзо се стигнува до останатите поголеми градови во Шпанија, како Барселона, Валенсија, Сарагоса и др. Сепак, со големата брзина на овие линии (и до 310км/ч) доаѓа и големата цена. Релацијата Севилја-Мадрид или обратно (540 км, 2,5 ч) чини некаде 70 евра. Постои одреден попуст на повратен билет, но само доколку се користи точно определен воз во точно определен ден, а нема побавна и поевтина варијанта со воз на линијата. Па така, како алтернатива многумина избираат превоз со автобус, пат кој трае 6,5 часа и чини 35 евра повратен билет.

Покрај овие возови, има возови Авант кои сообраќаат со голема брзина на пократки релации (до 200км), како и други типови возови со „нормална брзина“ кои ги поврзуваат останатите градови. Се разбира, цените се соодветно пониски и попристапни.

Билетите се купуваат на железничка, но за да заштедите на време можете да ги купите и преку интернет на http://www.renfe.com/EN/viajeros/index.html.

Пристигање во Севиља – автобус

Доколку сте пристигнале во Шпанија во друг град и се решите да патувате до Севилја со автобус, тогаш ќе пристигнете на една од двете автобуски станици: Prado de San Sebastian, старата автобуска станица, која претежно опслужува патувања во рамките на Андалусија, но и други места, а се најдува во центарот на градот, веднаш наспроти Ректоратот на Универзитетот и позади судот (Juzgados, хусгадос); или пак на новата, Plaza de Armas, која се најдува од другата страна на стариот град, на брегот на Гвадалкивир и опслужува национални и интернационални линии (пр. Мадрид, Барселона, Бугарија, Романија, итн.).

Веднаш пред двете автобуски се најдуваат постојките на таксистите, кои покрај нормалната тарифа за изминат пат ќе ви наплатат додаток за автобуска (некаде околу 1 евро), како и додаток за багаж (отприлика исто толку).

На само 50 метри од автобуската на Прадо се најдуваат голем број автобуски постојки за градските (црвени) и приградските (зелени) автобуски линии. Прадо е една од главните транзитни и допирни точки на некаде десетина и повеќе градски линии, па патувањето со автобус оттука е полесно. Исто така, тука има постојка и за градското метро (линија 1), како и за трамвај.

Од друга страна, пред автобуската на Пласа де Армас застануваат само 4-5 линии од градските автобуси и некои од приградските. Две од овие линии се кружни, па лесно можете да дојдете до станица на која да фатите автобуска линија која повеќе ќе ви одговара.

 

Пристигање во Севиља – авион

Севилја е многу добро поврзана со остатокот на Шпанија, во главно поради фактот дека градот е главен град на областа Севилја, но особено поради тоа што е главен град на авономната заедница Андалусија.

Во Севилја со авион се стига преку меѓународниот аеродром Сан Пабло (San Pablo) или преведено Свети Павле, со кратенка SVQ. Авиокомпании кои летаат директно од/до Севилја се: Ryanair, Vueling, Iberia, Air Berlin, AirFrance, easyJet и Air Europa. Со транзитни врски, особено преку Iberia и Vueling може да се стигне до многу дестинации во Европа. Аеродромот не е голем, има само еден терминал, но е доста фреквентен (околу 4 милиони патници годишно).

Аеродромот е релативно добро поврзан со градот преку специјална автобуска линија (Especial Aeropuerto, EA) која во зависност од делот од денот поминува на различни периоди, но обично на секои 20-30 минути. Билет во еден правец (solo ida, соло ида) чини 2,40 евра, а повратен (ida y vuelta, ида и вуелта) кој важи само за истиот ден чини околу 4,50 евра. Линијата има неколку попатни станици (една од првите е во близина на спортската сала Сан Пабло), но застанува на одредена станица само доколку има патници кои сакаат да слезат таму. Последната, а воедно и појдовна станица во насока кон аеродромот, се наоѓа во центарот на Севилја, на Prado de San Sebastian (или само Прадо), на Avenida El Cid, веднаш наспроти Ректоратот на Универзитетот на Севилја. Оттука, можете да фатите градски автобус (црвени автобуси, TUSSAM), или приградски автобус (зелени, Consorcio de Transportes Area de Sevilla), доколку сте сместени во некоја од приградските населени места.

Исто така, од аеродромот можете да пристигнете со такси, сите таксисти имаат унифицирана тарифа која се движи во рамките на 20-25 евра и која ги вклучува додатоците за влез во аеродромот и багаж (багажот не секогаш е вклучен во цената на такси превозот). Сите тарифи треба да се назначени на стаклата на задните врати од такси возилото, кое треба да биде во бела боја и обично со една црвена дијагонална лента. Внимание, може да има и „диви“ таксисти, кои може да ви побараат огромна сума за превоз. Секогаш договорете ја цената пред да влезете во возилото.

Некои од хотелите имаат сопствени возила со кои ги превезуваат гостите од и до хотелот, па проверете дали вашиот хотел располага со таква услуга. За жал, аеродромот се уште не е поврзан ниту со воз ниту со метро, како што е во други поголеми градови.

Related Posts Plugin for WordPress, Blogger...