Monthly Archives: January 2013

Хотел Еуростар Исла де Картуха

За сите оние кои се или ќе бидат сместени во горенаведениот хотел, а кој се најдува во склоп на Олимпискиот стадион: за да стигнете до центарот, имате неколку начини за патување.

Можеби најбрз е да порачате такси и да ве однесе до центарот. Бидејќи хотелот се наоѓа надвор од градската граница на такси, може да ви наплатат дополнителна такса. Исто така, таксиметарот го вклучуваат од моментот на пристигање на местото (мислам дек наплаќаат и за повикот). Спред некои приближни проценки, би ве чинело некаде 15 евра, но ако се соберете 4-5 патници, може и да не ви излезе скапо.

Втор и можеби најекономичен начин е со воз. Во непосредна близина на стадионот (мислам позади) има железничка станица. Фатете воз во правец Севиља Санта Хуста и слезете на таа станица (Санта Хуста). Салата Сан Пабло се наоѓа на некои 15ина минути одење од тука, по авенијата Канзас Сити, правец аеродром.

Трет и малку подолг начин е да одите со автобус. Од излезот на хотелот продолжете право под тој малиот мост. Според мапата, на местото каде што уличката од хотелот се приклучува на големата улица, има постојка. Фатете го автобусот С1, кој се најдува од спротивната страна. Можете да одите и со С2, но тој ќе ве однесе од другата страна и ќе имате подолг пат. Независно од станиците, билетите се со една цена. Доколку одите в сала, слезете пред Санта Хуста естасион де тренес (постојката се наоѓа на еден мост наспроти влезот на станицата). Оттука, или продолжете пешки (15ина минути) или фатете автобус бр 28 правец парке Алкоса (Parque Alcosa).

Летови до Севиља

По барање на нашите посетители ја отвараме оваа статија каде ќе можат да споделуваат информации за летови до Севиља. Бидејќи ние не располагаме со такви информации ги замолуваме сите корисници да ги споделат своите искуства и информации меѓусебе.

 

Фан зона

Во преговори сме со еден ресторан во близина на салата и очекуваме вести. Идејата е на многу корисници на овој сајт да се собереме на едно место каде ќе се забавуваме пред или после натпреварите.Тоа што сопственикот на ресторанот го бара е да се знае дека секој ден ќе има луѓе таму кои нормално ќе прават порачки и кои порачки нема да се сведат само на неколку пива.

Затоа ни треба ваша помош. Пишете доколку сте во можност како ја замислувате фан зоната, колку време обично би поминувале навивачите таму, дали би било само за пијалоци или и за храна. Доколку има доволен број на посетители, сопственикот се согласи да ги намали цените на неговите понуди.

Тие што имаат искуство од претходните натпревари, нека кажат како било претходно, за да имаме некоја идеја.

Обновено: Благодарност до сите посетители на страната кои ги споделија своите искуства со нас. Би сакале да напомениме дека во Шпанија поточно Севиља, сендвичи се многу ретка појава. Ниту еден од локалите кои ги контактиравме за фан зона не сакаше да служи сендвичи. Она што го понудија е мени кое се состои од предјадење, главно јадење, еден пијалок, леб и десерт. Цената е 8 евра.

Исто така можат да се порачаат одделни порции се по 3-4 евра. Овие порции вклучуваат само едно јадење без пијалок.

Доколку сте заинтересирани ве замолуваме да не информирате најбрзо што можете.

Кафе, пиво, цигари

1) Освен ако не сте сосема сигурни дека во барот се прави добро еспресо, немојте да порачувате такво кафе. Чистото кафе кое што го подготвуваат тука е само за самоубијци 🙂

Стандардната форма на шпанско кафе е со млеко (кафе кон лече) во различни варијации. Кортадо е повеќе кафе, а помалку млеко, додека манчадо е обратно. Не вреди да се порачува капучино, затоа што нема голема разлика од обично кафе (зборувам за просечни шпански барови). Во некои од „помодерните“ барови можете да ги најдете сите вам познати форми на кафе (еспресо, капучино, макијато итн).

2) Доколку порачате пиво (сервеса) во бар, ќе ви донесат чаша наливно пиво со различна големина. Квалитетот е различен, зависи колку гас се пушта низ пивото, иако стандардната марка е Крускампо или Мау. Доколку сакате да ви донесат во мало шише, тогаш треба да порачате „ботељин“. Некаде има „оферта“ од 4-5 шишенца за 5-6 евра. Од секоја опција, наливно или во шише, имате и безалкохолна варијанта (сервеса син).

Стандардна цена на кафе и пиво се движи од  1,10, до 1,60. Пред да порачувате било што добро би било да го консултирате менито, затоа што цените може да варираат од турист до турист :).

3) Цигари: во борбата против пушењето, цените на цигарите се изгор скапи и се движат од некаде 4 евра па нагоре. Марките се Камел, Честерфилд, Марлборо, Дукат и некои други локални. Се продаваат во продавници „тобако“ или пак во машини во баровите. Кога купувате во бар, треба да му побарате на барменот да ја активира машината за да можете да си купите цигари. Пушењето е забрането на сите затворени места, барови, ресторани и железничката станица. Можете да пушите пред рестораните или во нивните отворени делови, но никако веднаш пред болница, здравствен дом или паркови за деца (иако Шпанците го прават тоа, сепак вие сте странците и можете побрзо да си го „однесете“).

Поради високите цени, не е лошо да понесете цигари од дома. Некоја штека екстра нема да биде на одмет, ќе ни се најде, доколку цените се поевтини од овде.

Related Posts Plugin for WordPress, Blogger...