Monthly Archives: December 2012

Пристигање во Севиља – авион

Севилја е многу добро поврзана со остатокот на Шпанија, во главно поради фактот дека градот е главен град на областа Севилја, но особено поради тоа што е главен град на авономната заедница Андалусија.

Во Севилја со авион се стига преку меѓународниот аеродром Сан Пабло (San Pablo) или преведено Свети Павле, со кратенка SVQ. Авиокомпании кои летаат директно од/до Севилја се: Ryanair, Vueling, Iberia, Air Berlin, AirFrance, easyJet и Air Europa. Со транзитни врски, особено преку Iberia и Vueling може да се стигне до многу дестинации во Европа. Аеродромот не е голем, има само еден терминал, но е доста фреквентен (околу 4 милиони патници годишно).

Аеродромот е релативно добро поврзан со градот преку специјална автобуска линија (Especial Aeropuerto, EA) која во зависност од делот од денот поминува на различни периоди, но обично на секои 20-30 минути. Билет во еден правец (solo ida, соло ида) чини 2,40 евра, а повратен (ida y vuelta, ида и вуелта) кој важи само за истиот ден чини околу 4,50 евра. Линијата има неколку попатни станици (една од првите е во близина на спортската сала Сан Пабло), но застанува на одредена станица само доколку има патници кои сакаат да слезат таму. Последната, а воедно и појдовна станица во насока кон аеродромот, се наоѓа во центарот на Севилја, на Prado de San Sebastian (или само Прадо), на Avenida El Cid, веднаш наспроти Ректоратот на Универзитетот на Севилја. Оттука, можете да фатите градски автобус (црвени автобуси, TUSSAM), или приградски автобус (зелени, Consorcio de Transportes Area de Sevilla), доколку сте сместени во некоја од приградските населени места.

Исто така, од аеродромот можете да пристигнете со такси, сите таксисти имаат унифицирана тарифа која се движи во рамките на 20-25 евра и која ги вклучува додатоците за влез во аеродромот и багаж (багажот не секогаш е вклучен во цената на такси превозот). Сите тарифи треба да се назначени на стаклата на задните врати од такси возилото, кое треба да биде во бела боја и обично со една црвена дијагонална лента. Внимание, може да има и „диви“ таксисти, кои може да ви побараат огромна сума за превоз. Секогаш договорете ја цената пред да влезете во возилото.

Некои од хотелите имаат сопствени возила со кои ги превезуваат гостите од и до хотелот, па проверете дали вашиот хотел располага со таква услуга. За жал, аеродромот се уште не е поврзан ниту со воз ниту со метро, како што е во други поголеми градови.

Related Posts Plugin for WordPress, Blogger...