Продавници за храна

Постојат неколку групи места каде што можете да купувате производи за прехрана: локални продавници, супермаркети и хипермаркети.

Локалните продавници можете да ги најдете на секоја уличка, не се многу големи, снабдени се со помал број производи за прехрана, но исто така и цените им се повисоки во одредена мера. Доброто е што се најдуваат на секој чекор и некои работат и до подоцна (до 23 или до полноќ). Скоро сите продаваат леб од сопствено производство (всушност, само печат готово тесто) и можете да ги најдете под името horno, colonial, panaderia, итн. Исто така, има локални месари (карнисериа), рибари (пескадериа), и продавници за овошје и зеленчук (фрутериа), кои обично продаваат посвежи производи отколку во супермаркетите.

Супермаркетите се делови од поголеми синџири и ќе ги најдете под името Mercadona, Dia, MAS, El Jamon, El Corte Ingles. Еден ист производ ќе го најдете со различни цени во различни продавници, иако со минимални разлики. Од супермаркетите, Меркадона има најдобра репутација, ДИА важи како еден од поевтините, иако всушност не е, МАС и Ел Хамон се во ред. Скоро за сите овие важи едно правило: добро погледнете на ознаката на цената на рафтовите. Многу често се случува да мислите дека сте зеле некој производ по одредена цена, а на каса да разберете дека цената е повисока (обично, се работи за исти производи но во различна грамажа, кои „ненамерно“ се поставени едни до други и од прв поглед не се разбира за кој производ се однесува цената).

Производите од „Ел корте инглес“ се со најдобар квалитет, но исто така и со релативно повисока цена во споредба со останатите. Овие супермаркети се најдуваат исклучиво во стоковните куќи со истото име, обично на подземен кат, и се одлично снабдени.

Најмногубројните хипермаркети се Carrefour (на шпански се чита Карефур, а не Керфур) и се најдуваат во периферните делови од градот на некој од пристапите, или пак во приградските населби. Доколку сакате да одите до таму, ќе ви треба превоз (автомобил или приградски автобус). Мислам дека единствено нешто што не се продава во нив се автомобили, но можеби наскоро ќе почнат и со нив :) . Претпоставувам дека новоотворениот Карефур во Скопје е добра слика за тоа како изгледа еден таков хипермаркет. Доколку се храните во сопствена режија, не ви препорачувам да купувате месо, риба, овошје и зеленчук од Карефур, затоа што квалитетот не е најдобар. За останатите работи е во ред. Многу често, има различни промоции, од типот 3х2 (плаќаш 2, земаш 3); втора единица од ист производ со попуст од 50% или 70%, итн. На пример, во моментов е во тек промоција „втора единица со 70% попуст“, па две шишиња девствено маслиново масло од по 5 литри чинат околу 18 евра (само едно чини 12).

Друг синџир на хипермаркети е Hipercor, евтина линија на „Ел корте инглес“. Повеќето од овие хипермаркети се најдуваат во градот, во склоп на некој од големите трговски центри. И таму, во зависност од месецот, има различни промоции.

Сите супермаркети и хипермаркети имаат производи од таканаречени „бели марки“, т.е. алтернативи на познати производи. На пример, Меркадона има свои линии на чоколада, кисело млеко, итн. кои се алтернативи на пример на исти производи од Нестле, Данон, итн. „Белите марки“ од сите маркети имаат задоволувачки квалитет и пониска цена, но досега како најквалитетни се покажале производите од Меркадона и Ел корте.

Related Posts Plugin for WordPress, Blogger...

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>