Појадок

Типичниот појадокот во Шпанија, и особено во Андалусија, е поразличен од оној којшто го знаеме во Македонија, во однос на вид на храна и количина на храна.

Времето за појадок е од 7:30-8 до некаде 11 часот, во зависност од локалот. Скоро и да не постои бар, ресторан, кафетерија, која да не подготвува појадок, типичните tostadas. Се порачуваат цел или половина  тост (entera или media tostada), што всушност се две парчиња леб за цел, и едно парче за половина тост. Потоа, во зависност од желбите, може да ставите хамон јорк (варена шунка), асеите (маслиново масло), томате ен родахас (парчиња домати), томате тритурадо (мелен домат), хамон иберико (шпанска пршута, едно од најубавите нешта за јадење), мантекиља (маргарин/путер), кесо (сирење), пате (паштета, најчесто од хамон) и други, како и комбинации од сите овие работи. Маслиновото масло обично се дава бесплатно во сите места, па можете да го полиете тостот со него во било која комбинација. Во зависност од избраната големина на тостот и додатокот цените се различни, но обично се движат меѓу 1,5 и 3 евра, и тоа во комбинација со кафе (кафе кон лече, т.е. кафе со млеко, не се препорачува да се пие чисто кафе, објаснување во друг пост). На многу места за дополнителни 50ина центи можете да добиете свежо исцеден сок од портокали.

На многумина, како и мене на почетокот, овој појадок може да им изгледа многу „сиромашен“ и недоволен. Но верувајте, доколку се придржувате до шпанските термини на појадок, ручек и вечера, цел тост ви е сосема доволен за да останете сити до ручекот и да не се чувствувате тешко, преполнето и успорено.

Related Posts Plugin for WordPress, Blogger...

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *